Општина Брвеница ја известува јавноста дека денес, на ден 13.07.2026 година, Советот на Општина Брвеница одржа вонредна седница на која беа донесени клучни одлуки за понатамошното функционирање на институцијата, по прераното заминување од животот на починатиот градоначалник Јовица Илиевски.
Во согласност со член 54 став 1 точка 2 и став 5 од Законот за локална самоуправа, Советот на Општината со мнозинство гласови донесе одлука досегашниот Претседател на Советот, Роберт Милошески, да биде именуван за Вршител на должност (в.д.) Градоначалник на Општина Брвеница. Г-дин Милошески ќе раководи со Општината и ќе управува со нејзините работи сe до распишувањето и одржувањето на предвремените локални избори за нов градоначалник.
Поради преземањето на новата функција, на г-дин Милошески му мирува функцијата во Советот, по што Советот на Општина Брвеница, на истата седница, за нов Претседател на Советот го избра советникот Мирослав Даиловски.
Општина Брвеница останува посветена на континуитетот на услугите кон граѓаните и реализацијата на тековните проекти во служба на сите жители.
Општина Брвеница





