Skip to content
Home » Новости » ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ИЗРАБОТКА НА ЛОКАЛЕН ЕКОЛОШКИ АКЦИОНЕН ПЛАН – ЛЕАП 2023-2029.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ИЗРАБОТКА НА ЛОКАЛЕН ЕКОЛОШКИ АКЦИОНЕН ПЛАН – ЛЕАП 2023-2029.

Согласно Законот за Животна средина и Методологијата за изработка на Локален Еколошки Акционен План усвоена од МЖСПП, Градоначалникот на општина Брвеница покрена Иницијатива за изработка на Локален Еколошки Акционен План за општина Брвеница ЛЕАП 2023-2029. Иницијативата беше усвоена од страна на Советот на општина Брвеница, се формира и организациона структура за изработка на еколошкиот акционен план.

ЛЕАП-от преставува највисок стратешки документ од локално значење за заштита и унапредување на животната средина, кој има за цел да ја оцени моменталната состојба на животната средина во повеќе тематски области, да ги идентификува еколошките проблеми, предложи мерки и активности за нивно неутрализирање и решавање, направи приоритизација за решавање на проблемите, како и имплементација на предложените мерки и активности. 

Како стратешки плански документ е инициран од потребата на граѓаните за здрава и чиста животна средина, за креирање економија која ќе ги вградува вредностите на водите, воздухот, земјиштето, биодиверзитетот, природните вредности и реткости, во насока на обезбедување подобар стандард за живеење на граѓаните и одржливо користење на ресурсите.

Покрај тоа што ЛЕАП-от ќе биде главен патоказ при решавање на еколошките проблеми во општината, истовремено ќе биде и алатка за обезбедување на финансиски средства, потребни за имплементација на проектите и  активностите предвидени со овој акционен план. Целта на овој стратешки документ е да биде реален и одржлив, односно достижен во одреден временски период, во рамките на определен буџет.

Со поминување на сите законски процедури за  изработка на овој стратешки документ, во која ќе биде вклучена и благовремено известена и јавноста, се очекува Локалниот Еколошки Акционен План ЛЕАП 2023-2029 за општина Брвеница, да биде изготвен кон крајот на месец Јуни 2023 год.

Локален Координатор: Славица Тодороска 

Заменик Лок. Координатор: Абиљ Дурмиши